Кавадаречката театарска хит престава ке се претстави пред скопската публика на 22 мај во Домот на АРМ

По осум целосно распродадени репризи на матичната сцена при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ и успешното гостување во Гостивар, хит комедијата „Стјуардеси“ по текст на Марк Камолети, а во режија на Диме Коцевски во понеделник, 22 мај ќе биде поставена и во Домот на АРМ во Скопје.

Иако урнебесната комедија на Камолети е еден од најпоставуваните текстови, сепак, уникатното режисерско гледање на Диме Коцевски и дава една сосема нова свежина, и прави да почуствувате дека гледате една сосема нова претстава која надополнета со неочекуваните сцени, специјалните гости и кавадаречкиот дијалект кој провејува низ дел од сцените, ќе Ве насмее до солзи.

Покрај режисерската улога, Коцевски ќе понесе и голем дел од товарот на претставата, а покрај него на сцената ќе ги видиме и Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева, Зорица Стефковска, Ребека Малиминовска, Никола Деков и Костадин Прокопов, кој пак одбележува 20 години успешна театарска дејност.

Почетокот на претставата е закажан за во 20 часот, а билетите по цена од 200 денари ќе се продаваат на билетарата на Домот на АРМ во вторник, среда, четврток, петок, сабота и понеделник во периодот од 17 до 20 часот.

Фото: Тони Коцев