СВР Битола, НК за КР – ПС Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против шест физички лица И.К. (41) од Прилеп, Ј.Х. (34) од Крушево, Д.Б. (45) од Скопје, С.Д. (64) од Битола, Н.Д. (29) од Велес, Г.Н. (43) од Прилеп, како и против две правни лица „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп и „Дејо интернационал“ ДООЕЛ Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело перење пари предвидено и казниво по чл.273 од КЗ на РМ.

Од МВР информираат дека пријавениот И.К. во својство на прв основач и управител на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, заедно со Ј.Х., сопственик на фирма што се занимава со трговија на огревно дрво од Крушево, во првиот квартал на оваа година склучиле договор за продажба на огревно дрво помеѓу фирмата „Прлица“ од Прилеп, како продавач, и синдикалната организација на „Фени индустри“ од Кавадарци, како купувач. Со договорот продавачот се обврзал да испорача 2.800 кубни метри дабови дрва од прва класа и 700 кубни метри бука прва класа, а купувачот се обврзал да плаќа редовно на шест еднакви месечни рати. Паричните средства за првите три рати, кои биле уплаќани на жиро-сметката на првопријавената фирма, веднаш биле извлекувани, паралелно со нивниот прием и без какво било реално покритие дека фирмата имала некакво работење. Фирмата немала никакво работење пред и по договорот со синдикалната организација на „Фени индустри“, немала никакви средства за работа, ниту склучени договори за набавка на огревно дрво.

Исто така, првопријавената фирма немала деловни односи со второпријавената фирма „Дејо интернационал“ од Скопје, преку која противправно биле извлечени паричните средства од втората рата извршена од синдикалната организација на „Фени индустри“ – Кавадарци. По исплатените три рати на сметка на ДООЕЛ „Прлица“ во висина од 3.650.000 денари, продавачот на 13 мај годинава го известил синдикатот на Фени дека не е во можност да ги обезбеди договорените количини огревни дрва.

Пријавените лица И.К., Ј.Х., како и Д.Б., сопственик на второпријавената фирма, Н.Д., управител во првопријавената фирма, Г.Н. во својство на книговодител на пријавените фирми, но и на фирмата од Крушево, и С.Д. пензионер што ја ставил својата лична трансакциска сметка во функција на противправните активности – имале цел со вршење трансакции да се извлечат паричните средства од сметката на „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп (фирма што не е регистрирана за вршење таква дејност), а прибавени од договорот за набавка на огревни дрва и да се прикрие патот по нивното подигнување.

Од страна на „Фени индустри“ во ОЈО Велес поведен бил судски спор. Пријавените, секој во својот домен, примале и вршеле пренос на парични средства со цел да ги прикажат трнсакциите помеѓу себе како тековни активности на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп. На таков начин извлекле и противправно присвоиле парични средства во вкупен износ од 3.650.000 денари.

Извор: Макфакс

Преземено од Канал 77 http://kanal77.mk/%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D1%87%D0%BD%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%B2%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D1%84%D0%B8%D1%80%D0%BC%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%B3%D0%B8-%D0%BE%D1%81%D1%82/