Лозарите ги бараат минатогодишните цени за килограм грозје.

Вака се изјаснија присутните на синоќешната средба на лозаропроизводители, која се одржа во салата на зградата на општина Кавадарци. Средбата беше иницирана од Регионалниот Сојуз на лозари “Агротиквешија” од овој град, а на неа присуствуваше и неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов.

Претседателот на “Агротиквешија” Љупчо Аризанов ги запозна присутните за тоа како се одвивале четирите средби со претставници на винарите, под медијаторство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во пресрет на годинешниов гроздобер.

grapes-banner-800x445.jpeg

-Винарите бараат благо да падне цената на винското грозје. Сакаат да закинат една шеќерна единица или да се симне нејзината вредност. Поединечно за секој од нас тоа не е многу, но гледано во државни рамки, тоа се тешки пари, околу милион и 600 илјади евра. Ние стоиме на ставот да си останат ланските цени и ланските шеќерни единици, рече Аризанов пред присутните.

Обраќајќи им се на лозарите, градоначалникот Апостолов нагласи дека целта им е иста, да се создаде што е можно поповолен амбиент оваа година, кога е во прашање претстојниот откуп на грозјето.

-Во досегашните преговори дел од изнесените предлози околу цените за килограм грозје беа наши, а свои предлози даваа и винарите, како и претставниците на Министерството за земјоделство. Директорот на Земјоделскиот инспекторат ни вети постојано присуство на нивните инспектори на откупните пунктови, додека таму се носи грозје, додаде меѓу другото Апостолов.