Францускиот амбасадор Кристијан Тимоније беше во работна посета на Неготино.
-Посебна чест ми е да го претставиме дваесетгодишното функционирање на паралелка на француски јазик во Неготино, која е една од првите во Македонија. Инаку во нашата средба поголем дел од дискусијата беше за функционирањето на локалната самоуправа, јас апелирав до амбасадорот и до сите евро дипломати во Р. Македонија да извршат еден поголем притисок да час поскоро почнат да функционираат локалните самоуправи во Р.М., да дојде до измена на изборниот законик бидејќи штетите ги трпат сите граѓани во Р.М. Мислам дека притисокот од неговата екселенција амбасадорот на Р. Франција и од сите евро дипломати ќе вроди со плод да точката биде ставена прва на дневен ред во собранието на РМ за да можат граѓаните од целата РМ да не се чувствуваат како граѓани од втор ред, бидејќи не можат ни една работа моментално да завршат во општините во РМ, рече Апостолов. Тој изрази надеж дека работите ќе дојдат во нормала и што побргу ќе бидат распишани локалните избори и дека тој датум ќе биде 15 октомври. Амбасадорот изрази задоволство од првата посета на Неготино. -Како Французин нели негувам посебни симпатии кон овој град на виното, со господинот градоначалник се осврнавме на актуелните прашања и генерално на состојбата во РМ. Двајцата заклучивме дека состојбата на актуелна политичка криза треба да биде страница којашто ќе биде завртена што побрзо и да чекориме заеднички напред кон Европска и Атланска интеграција на земјата. А за тоа треба да се почитуваат и роковите особено за одржување на сите избори, пред се локалните избори. А ние тој момент го очекуваме навистина со нетрпение и со голем интерес како што впрочем го очекуваат и сите граѓани на Р.М. И станува збор за ургентна одлука која што треба да ја донесе собранието, нагласи тој. Притоа информираше дека со Апостолов исто така е разговарано и за состојбата на францускиот јазик во Неготино. -Јас му се заблагодарив на господинот градоначалник за целокупната поддршка која што тој ја дава во прилог на двојазичната франкофонска паралелка во гимназијата, францускиот јазик е и јазик на виното значи тоа е и јазикот на иднината во Неготино. Дојдов исто така денес да ја посетам гимназијата, особено да им се заблагодарам за сите напори што ги прават. Станува збор за гимназија којашто втора го добива тој сертификат за проучување односно за оценување на францускиот јазик во Македонија. Браво за Неготино, додаде амбасадорот.