Фудбалерите на градскиот фудбалски клуб донесоа дополнително славје во деновите на гроздоберските и градските прослави, откако денеска славеа победа од 2-1 над тимот на Осогово.
Најавата за првиот триумф во првиот сезонски натпревар од втората фудбалска лига исток ја донесе Игор Лазарев кој уште во 18тата минута му донесе предност на својот тим, за радост на најголемиот дел од гледачите на градскиот стадион во Кавадарци кои ги имаше околу 700.
Минималната предност на домашните фудбалери беше актуелна се до 83та минута кога Мирко Симјановски ја удвои предноста и најави мирен финиш на натпреварот. Сепак, така не мислеа гостите кои преку Марио Атанасовски во последната минута од натпреварот успеаа да ја погодат мрежата на Гелов, но немаа време да го расипат славјето на градскиот стадион во Кавадарци.
Набиената агенда за кавадаречките фудбалери продолжува во вторник за кога е закажан одложениот дуел со тимот на Беласица, а веќе следната сабота ГФК Тиквеш ќе му гостува на Хоризонт во Турново.