Денес требаше да се одигра заостанатиот натпревар од 5 коло од првата машка кошаркарска лига во кој во Кавадарци силите требаше да ги одмерат ЕуроНикел и Куманово. Истиот сепак е одложен поради настап на Кумановчани во БИБЛ лигата.По вчерашниот состанок на КФМ голем дел од екипите почнаа да си го поставуваат прашањето - ке биде ли регуларна оваа сезона во кошаркарското првенство на Македонија? Федерацијата среде сезона се обидува да го смени системот на натпреварување па на клубовите понуди две опции за завршување на шампионатот, од кои едната е прескокнување на Суперлигата и директен плеј-оф со осум екипи и тоа преку „балон“ натпреварување. Тоа значи да не се игра втората фаза од Првата лига-мажи, односно Супер лига и Плеј аут лига, и веднаш да се премине на плеј офот. Доигрувањето би се реализирало со учество на осумте првопласирани екипи од првиот дел од првенството а во плеј аут би учествувале четирите последнопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната. По овој предлог испаѓаат две екипи. Натпреварите би се одвивале во т.н.„балони“, а сите трошоци за реализација на турнирите ќе ги покрива федерацијата. Односно четири одвоени турнири, во кои во период од по седум дена, ќе се реализираат четвртфиналните, полуфиналните и финалната серија на плеј-офот. Како и плеј-аут турнир по кој ќе бидат познати и двете екипи кои би се преселиле во понизок ранг на натпреварување – Втора лига. „Балоните“ би се играле во периодот од 17 мај, заклучно до 7 јуни, кога би го имале новиот шампион за сезоната 2020/2021. Меѓутоа со ваквиот начин според голем број на клубови првенството ќе добие „црна дамка“ на регуларноста. Вака клубовите може да доведат и платат квалитетни кошаркари само за два месеци и да ја освојат титулата. Уште потежок удар треба да претрпат екипите кои се изненадувања на сезоната како Пелистер и ТФТ Скопје, кои нема да добијат никаков плус од одличната сезона. Од ваквата одлука би профитирале единствено така наречените гиганти кои играат слаба сезона и имаат безброј неодиграни натпревари. Ако биде донесена одлуката за овој плеј-оф „балон“ со осум екипи првенството ќе заврши во мај, иако кошарка може да се игра и во јуни. Ковид-кризата изгледа само како алиби за задоволување на некои од клубовите кои ептен ја промашија сезоната, па се обидуваат преку врски и попусти да добијат некој „џокер“. Исто така збрка ќе донесе системот за испаѓање од лигата и можно нејзино проширување. Предвидено е финалниот турнир од националниот Куп да се одржи во периодот од 14 до 16 мај, односно веднаш по завршувањето на првиот дел од Првата лига-мажи.

Во оваа сезона фудбалскиот, одбојкарскиот и ракометниот шампионат почнаа и ќе завршат најнормално и во предвидениот рок, само кошаркарите ниту почнаа навреме, ниту знаат како и кога ќе завршат.

М.В.