Кошаркарите на Фени Индустри ја прославија и четвртата победа во четвртиот натпревар во сезоната, трета на гостински терен, откако славеа над екипата на Вардар со 54-59.
Со мислите насочени кон натпреварот со Тирана во рамките на БИБЛ лигата, избраниците на Малинков го одиграа можеби својот најслаб натпревар сезонава, и тоа против последно пласираниот тим на Вардар, но и тоа беше доволно да се прокнижат нови два бода и да се задржи чекорот со Работнички, кој славеше минимална победа над Кожув со 81-80.
По очајниот старт на натпреварот, во кој Фени за само 10 минути постигна 7 поени, следуваше далеку подобро издание во вториот период, во кој Фени успеа да ја надополни негативата од воведниот период и на полувреме да се замине со 28-28.
Ништо поразлично во поглед на ефикасноста не беше ниту во второто полувреме, но за разлика од првото, кавадаречките кошаркари беа тие кои ги добија двете завршни четвртини, третата со 11-13 и четвртата со 15-18 за конечна победа од 54-59.
Со 14 поени, Матеја Чешковиќ беше лидер во новата победа, за која заслуги одат и кај Јане Петровски и Георги Шарабидзе кои мечот го завршија со по 11 односно 10 поени.
Во тимот на Вардар најдобар беше Лазаревски со 17 постигнати поени.Во наредното коло кое на програмата е следниот викенд, Фени го пречекува тимот на Куманово.