МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Премиерата на режисерското остварување на Диме Коцевски одлично примено кај публиката

И покрај тоа што сеуште го носи називот аматерски, театарот при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ уште еднаш потврди дека е многу повеќе од тоа. Собирајќи ги аплаузите и стоечките овации, сите оние кои синоќа премиерно после 24 години ја донесија претставата „Стјуардеси“ на реновираните „штици што живот значат“ докажаа дека кавадаречкиот театар има нова хит претстава која што уште долго време ќе остане на репертоарот.

Неверојатната енергија со која Диме Коцевски и Видан Станоев буквално ја маѓепсуваат публиката и ја потврдуваат теоријата за релативитет, правејќи 140-тината минути колку што трае претставата да изгледаат како да поминале само 15. Секако, не смее да се заборави и големиот учинок на славеникот, професорот Костадин Прокопов кој одбележува 25 години успешна соработка со кавадаречкиот театар, што како актер, што како надворешен соработник, и секако на трите „стјуардеси“, искусната Валентина Ѓорѓиева која редовно е дел од театарските претстави на Коцевски, и дебитантките Зорица Стефковска и Ребека Малиминовска кои на своето „огнено крштевање“ покажаа дека има сериозен потенцијал во нив. И покрај малата улога, Никола Деков и во оваа претстава остава неколку реплики кои уште долго ќе бидат употребувани од сите оние кои што ќе ја погледнат претставата.

А интересот за истата е веќе преголем. Позитивните реакции од премиерата дополнително ја зголемуваат побарувачката на билети за првите две репризи закажани за во понеделник, 3 април и четврток, 6 април со почеток од 20 часот. Според вообичаената процедура, билетите ќе бидат пуштени во продажба 2 часа пред почетокот на претставата, односно во 18 часот.

рецензија Д.Уневски