МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Неготино добива околу 70 литри во секунда вода за пиење, а градот има потреба од минимум 80 литри во секунда.

Без вода од 9 до 20 часот утре ќе остане градот Неготино поради отстранување на дефект на главниот цевковод, информира денеска Наташа Лазова, директор на неготинското јавно комунално претпријатие.

Таа потсетува дека после интервенцијата, вообичаено за овој период од годината, остануваат редукциите на водата за пиење, дење од 12 до 15 часот и во текот на ноќта од 23 до 05 часот.

-Времетраењето на редукциите може да се продолжи за околу еден час, поради временските услови и големата потрошувачка на вода. Околу педесет проценти имаме зголемување на потрошувачката на вода. И покрај тоа што во функција ни е паралелниот систем за технолошка вода, наменета за дворовите. Сето тоа говори дека има поединци кои нерационално ја трошат водата за пиење, нагласува Лазова.

Таа соопштува дека во моментов Неготино добива околу 70 литри во секунда вода за пиење, а градот има потреба од минимум 80 литри во секунда.

Од ЈП “Комуналец” апелираат на совесно користење на водата за пиење од регионалниот водовод “Лукар”, која се носи педестина километри од под планината “Кожуф”.