МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Реакција на пресот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци од страна на ОО на СДСМ Кавадарци.

„Прес конференциите на нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ изгледаат како соопштенија на политичка партија која што изминативе десет години била во опозиција, а не на власт. Обвинувањата од нивна страна дека во изминативе осум месеци имало целосно партизирање на јавната администрација се во најмала рака смешни и се целосно неточни.

Зарем толку брзо заборавија дека во сите извештаи на Европската комисија, еден од главните нотирани проблеми во изминатите 10 години беше партизирањето на јавната администрацијата. Истото тоа ВМРО- ДПМНЕ кое сега обвинува за партизирање, го дуплираше бројот на вработени во јавната администрација, и тоа по нивниот познат критериум. Една партиска книшка, едно вработување.

И откако ја пренатрупаа јавната администрација со нивен партиски кадар, кој подоцна го уценуваа со појавување на контра протест и наоѓање на 15 сигурни гласачи, сега тие истите обвинуваат за партизираноста која што сами ја направија.

Едно од низата обвинувања и непоткрепени тврдења на прес конференцијата на ОК ВМРО- ДПМНЕ Кавадарци, е и обвинувањето за преголемото задолжување на земјата во изминатиов период. За нивно потсетување, јавниот долг на Република Македонија во десетгодишниот мандат на ВМРО- ДПМНЕ се зголеми за повеќе од три милијарди евра, односно истиот се дуплираше.

Средствата од овие задолжувања кои ги прави актуелната власт, во најголема мерка се наменети за враќање на долговите направени од страна на претходната влада. Онаа истата влада која парите од буџетот ги трошоше за чоколадо во состојба кога граѓаните немаа ниту за леб.

Голем дел од парите од новите позајмувања се наменети и за капитални инвестиции, како гасоводи и автопатишта.

Оваа Влада предводена од СДСМ е решена, наместо во споменици и панорамски тркала, да инвестира во капитални проекти, автопатишта, гасоводи и останати инфраструктурни проекти од кои бенефит ќе имаат сите граѓани.

Владата преводена од СДСМ останува посветена на остварување на своите програмски определби кои им ги ветивме на граѓаните на локалните и на предвремените парламентарни избори, како на домашен така и на меѓународен план.“

И да, ќе направиме од Република Македонија подобро место за живеење, и ќе го вратиме животот за сите граѓани!„

-се вели во соопштението кое го добивме од Секторот за односи со јавноста на СДСМ-Кавадрци.