МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

СООПШТЕНИЕ OД ВВ ТИКВЕШ ЗА ОТКУПОТ НА ГРОЗЈЕТО -„Тиквеш“ е принуден да го прекине откупот поради блокада од страна на поединци кои манипулирале со квалитетот на грозјето Кавадарци, 11.09.2021 – И покрај тоа што „Тиквеш“ е единствената винарница во земјава која оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот и смедеревката – факт кој јавно го потврдија и актуелниот градоначалник на Кавадарци и претставникот на здружението на лозарите – сепак денеска беше доведена во ситуација привремено да го прекине откупот. Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“. Имено, грозјето што сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот ова грозје немало соодветни карактеристики за од истото да се произведе ниту вино ниту дестилат а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале. Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен. Инаку, „Тиквеш“ е единствената македонска винарница која започна со потпишување на договорите со откуп уште на почетокот на јули, со што до официјалниот почеток на откупот беа склучени над 2100 договори со лозарите, во кои беа дефинирани условите и стандардите за квалитет кои треба да се исполнат. При тоа, „Тиквеш“ оваа година нуди највисоки цени за грозјето и се обврза на најголем откуп досега. Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ гарантира дека од својата страна и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено го очекува истото и од своите партнери. Упатуваме апел до сите лозари кои напорно работеле во текот на целата година да не подлегнуваат на провокации од поединци кои не се вистински лозари, туку работат во исполнување на нечија агенда. „Тиквеш“ нема никогаш да прифати уцени и желби на поединци кои сакаат да манипулираат со трудот на вистинските лозари. Како една од најголемите и најтрофејните винарници во целиот регион, винарската визба „Тиквеш“ и понатаму ќе работи и ќе продолжи да инсистира за воведување на светски стандарди во лозарството и винарството во Македонија, што значи и воспоставување стандарди и систем кој нема да зависи од политиката, туку исклучиво од пазарните механизми.,, се наведува во соопштението.