МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Во Неготино денеска беа одбележани 75 години од значајни настани од Народноослободителната војна во 1943 година и формирањето на партизанскиот одред “Добри Даскалов”.

Бројни делегации положија свежо цвеќе пред бистите на паднатите борци во паркот до општинската зграда. Пред присутните говореше Атанас Најдов, претседател на Сојузот на борци и продолжувачи на нивното дело од Неготино.

-Во 1941 и 1942 година, особено со доаѓањето на истакнатиот револуционер Страшо Пинџур, во Неготино и неготинско се создало мошне силно антифашистичко расположение и национално и социјално обединување на населението, рече Најдов.

На 10 мај во 1943 година заминала и првата група на партизани од Неготино. На 14 мај во месноста Вишешница бил формиран Тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов”, кој броел околу илјада борци. Веднаш по формирањето, одредот започнал со борбени акции по тиквешките села.

-Фашистичкиот окупатор увидувајќи ја сериозноста од силниот развој на вооружената борба на одредот, довел во Тиквешијата околу 13 илјади војници и полицајци. Од 6 до 16 јуни се одвивала таканаречената Јунска офанзива преку која окупаторските власти имале за цел да ги разбијат и уништат партизанските одреди “Добри Даскалов” и “Сава Михајлов” и заплашат населението кое им помагало на партизаните, нагласи меѓу другото Најдов.

За животниот и борбениот пат на неколкумина истакнати партизани, потсетија ученици од Основното општинско училиште “Страшо Пинџур” од Неготино.