МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Ова е шок за лозарите кои најавуваат блокади заради неисплатени обврски кон нив.

Шок и неверување во Тиквешијата по информацијата дека во среда за ВВ ,,Повардарие,, од Неготино најверојатно ќе сеобјави дека оди во стечај. Тогаш е закажано рочиште за отворање стечајна постапка за „Повардарие“, а по која треба да одлучува Основниот суд во Велес. Револтираните лозари велат дека нема да го дозволат тоа и дека ќе ја блокираат сите институции што е потребно.

„Имаме информација дека по барање на Царинската управа е закажано рочиште на кое треба да се отвори стечај за „Повардарие“. Тоа не е во ред, бидејќи визбата годинава откупи 31 милион килограми грозје и со долгот од минатата година им должи на лозарите над 5 милиони евра. Затоа се одлучивме во среда да го блокираме судот во Велес“- изјави првиот човек на регионалниот сојуз Агротиквешија, Љупчо Аризанов.

Тој вели дека со блокада на судот ќе се обидат за момент да го одложат стечајот на винаријата, затоа што неготинскиот поддрум на лозарите им должи околу 5 милиони евра за предадено грозје од годинашниот род. Аризанов потсети и дека сите откупувачи се придржувале кон договореното за дел од грозјето да исплатат пари до Нова година.

-„Ако Повардарие отиде под стечај, од неговата распродажба прво ќе бидат наплатени долговите спрема кредиторите, а тоа значи дека нема одговор кога ќе добиеме надомест ние лозарите“-велат тие.

Инаку, пред два месеца меѓу лозарите проструи веста дека од страна на фирмата Дејон АС – Велимир увоз извоз ДОО Скопје, била побарана стечајна постапка за неготинскиот подрум, но од ,,Повардарие,, тогаш смируваа дека се работи за фирма кон која винаријата имала мал заостанат долг кој за кратко бил подмирен и се повлекол предлогот за стечај.

Сега оваа најнова вест вистински ги разгневи производителите на грозје кои го предадоа својот род во неготинската винарија. Откако ја слушнаа веста ,веднаш почнаа да се организираат за протести, велат, нема да дозволат да им пропаднат парите кои им ги должи оваа винарска визба.

Од оваа винарска визба неодамна за АКО.мк изјавија дека откупиле далеку повеќе од планираните количини на грозје за оваа година.

-„Ние сме единствената винарија во државата која широко ги отвори вратите за откуп на повикот од Владата, додека останатите откупувачи игнорантски се однесоа кон тоа. Откупивме близу 30 милиони кг грозје наместо планираните 15, само за да се излезе во пресрет на барањата на Владата да не остане родот на нива и да им се помогне на лозарите “,рекоа тогаш од Повардарие.

На лозарите согласно препораките им исплати 20 проценти од долгот за годинешниот род на лозарите,но остануваат уште речиси 5 милиони евра и 1 милион од реколтата 2015. Дали тоа значи дека лозарите и по трет пат ќе го извлечат подебелиот крај откако им пропаднаа парите на сличен начин во винарските визби Џумајлија и Винеа и дали ВВ Повардарие ќе биде следниот конечен удар врз македонското лозаропроизводство?

Ова прашање логично се поставува, како и тоа кој и зошто е одговорен за ваквите состојби во оваа земјоделска гранка од која егзистираат огромен број семејства од овој регион и зошто секогаш се удира по грбот на земјоделецот.

Пренесено од АКО - АктуелнОбјективно

Билјана Н.Тошевски