– Благодарение на донацијата од DRӒXLMAIER, децата од клончето „Развигорче“ во село Бистренци, кое функционира во рамки на детската градинка „БорисбТрајковски“ во Демир Капија, дел од своето време во градинката ќе го поминат надвор играјќи на новите реквизити. Голем замок, клацкалка, играчки за лулање и играчки на федер, дизајнирани според возраста на децата се поставени во дворот на градинката и ќе овозможат бескрајна забава на отворено. Новата опрема ќе поттикне физичка активност, креативност и социјална интеракција меѓу децата. Замокот ќе овозможи имагинативна игра, клацкалката и лулашката ќе ја промовираат координацијата, а играчките на федер ќе понудат различни сензорни искуства. „Среќни сме што можеме да придонесеме за благосостојбата на децата од предучилишна возраст. Секое од нив заслужува безбедна средина за играње каде што истовремено ќе може да ги развива своите когнитивни и психолошки функции“, рече Томаш Мацура, Генерален менаџер на DRӒXLMAIER Македонија. Веднаш по поставувањето на реквизитите во дворот на градинката, децата под надзор на воспитниот кадар имаа можност да ги истражат и да уживаат во едно ново искуство. „Исклучително сме благодарни на DRӒXLMAIER за оваа прекрасна донација“, изјави Менча Николова, директорка ООУ „Димче Ангелов - Габерот“ во чиј објект функционира и клончето „Развигорче“. „Овие нови реквизити се вистинска радост за децата. Драго ни е што компаниите кои се дел од заедницата ги препознаваат потребите на образовните институции и нѐ поддржуваат“, додава Николова. DRӒXLMAIER е семејна компанија со традиција од над 65 години која размислува долгорочно и за идните генерации, особено инвестирајќи во образованието на младите кои ја градат иднината на општеството.