МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Гром удри во трло со стада овци и кози викендов, при невреме во регонот на Овчка река- кавадаречко. Повредени беа две животни, а сопствениците на фармата успеаја да го спасат само едното.

- Беше страшно. Како да се отвори небото над мене, па, чиниш се симна долу да ја допре земјата. Ги погоди двата прча. За среќа нас не не фати. Се подзавртевме лево, десно, колку да се преиспитаме себеси, затоа што во тие моменти на паника, како да не им верувавме на своите сетила дека куртуливме од громот. Едното животно умре веднаш, а другото успеавме да го спасиме полевајќи го со вода и триејќи му го телото со масажа. Не знам дали се спаси поради нашата помош или ете така било пишано. Во меѓувреме се јавувавме по медицински лица за да побараме совет како да постапиме, но за жал и тие не можеа којзнае колку да ни помогнат. Нема да кријам, толку блиску до смртта, бевме исплашени, вели Ѓорѓи Велков за чувството да се биде сведок на моментот кога на човек му се чини дека се спојуваат небото и земјата.