МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Записник од состанокот на Управниот Одбор на Здружението “Напредни Лозари“ (преработена верзија за известување на јавноста).

Во последните неколку месеци еминентни претставници на Здружението одржаа неколку состаноци и остварија неколку средби со надлежните и релевантни фактори во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство (во понатамошниот текст: Минстерство) на републичко и на општинско ниво. Како резултат на заклучоците и ставовите од овие состаноци и средби Здружението лиферуваше неколку званични информации како преку медиумите така и преку сопствената ФБ страница на Здружението.

На 10.08.2019 година Здружението преку своја јавна објава, отворено и јавно ги испорача барањата на лозарите до винариите, откупувачите и надлежните во Министерството и им постави рок, најдоцна за 7 (седум) дена да се произнесат по барањата. Наведените во таа прилика се запознати дека Здружението нема да застане и доколку од бараните субјекти не се достават одговори на барањата, Здружението ќе смета дека барањата на лозарите се отфрлени, по што ќе уследат со објавата предвидените мерки од страна на Здружението.

На 11.08.2019 година (недела) со почеток во 20.00 часот Управниот Одбор на Здружението “Напредни Лозари“ (во понатамошниот текст УО на Здружението) одржа вонреден состанок на кризниот штаб на Здружението во врска со евентуалната, можна криза на откупот на грозјето од реколтата 2019 година.

На состанокот, УО на Здружението ги согледа моменталните случувања и тенденции поврзани со откупот на грозјето за оваа реколта и ги донесе следните заклучоци, насоки и инструкции за понатамоштно постапување на Здружението:

Одолгувлекувањето на можното решение и прифаќање на нашите барања од страна на винариите и надлежните од Министерството за земјоделие е се поочигледно. Нема никаков одговор ниту пак сме повикани од страна на Министерот за земјоделие како што беше договорено на состанокот во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство одржан на 15.07.2019 година. Воедно не ни се доставени одговори на нашите барања, ниту пак ни е доставен записникот од состанокот. Сето ова предизвикува дополнителна загриженост се поочигледната и се поприсутната, многу години наназад спроведуваната тактика на одолговлекување до пред самата берба. Изостана и ветената заедничка средба на преработувачите со производителите на грозје во организација на Министерството за земјоделие.

ЗАКЛУЧОК ПО ОВАА ТОЧКА: Уште еднаш јавно да се повикаат преработувачите и откупувачите на грозје и надлежните-одговорните во Министерството, на чело со Министерот во предвидениот рок, до 17.08. да се произнесат по нашите барања. Недоставувањето на одговор ќе го сметаме за одбивање на нашите барања по што ќе бидат јавно објавени и најавени мерките кои ќе ги превземе Здружението за сопирање на таквата крајно неповолна состојба со откупот на грозјето.

Винариите ја кријат состојбата со залихите на вино или лиферуваат лажна информација од наводните пообемни резерви на вино од минатите години. Од наши извори дознаваме дека залихите на вино во винариите се на минимум односно дека винариите народски кажано се празни а тврдењето за постоење на пообемни резерви непродадено вино е вешта измама насочена кон оформување на погрешна перцепција во јавноста, односно формирање на лажно јавно мислење за неможноста на винариите да откупат поголеми количини на грозје а со тоа да се влијае цените на грозјето не само да останат на ланското ниво ами дури и да паѓаат.

Од наша страна ваквото создавање на погрешна јавна колективна перцепција насочена кон намалување на цените на нашиот производ е толку деструктивна и води само кон една солуција: Уништување на лозарството како гранка на земјоделието во Македонија.

На состанокот во Министерството на 15.07.2019 година, од стана на Директорот на пазарниот инспекторат ни беа посочени наводни 100 милиони килограми вишок грозје, до која количина на вишок е дојдено врз основа на предвидувањата за овогодишната надпросечна реколта на грозје од една страна, и од изјавите на големите и средните по капацитет винарии, за намалените можности за откуп на грозје во оваа година заради постоечките залихи на непродадено вино.

Во контекс на претходното, ни беше посочено дека фокусот на ангажирањето и залагањето на тимот на Министерството задожен за прашањата од областа на лозарството, па и на самиот министер ќе биде на овозможување и изнаоѓање опции за откуп на овој вишок грозје од речиси 100 милиони килограми, со што е во голема мерка стеснет маневарскиот простор за евентуални покачувања на откупните цени на грозјето

Сметаме дека ваквиот став е само параван зад кој се крие неспособноста и недостатокот на храброст надлежните од Министерството па ајде и од Владата, да се фатат во костец со преработувачите и да им наложат да се откажат од енормните екстра-екстра профити кои ги остваруваат благодарение на енормно ниските и под границите на секаква рентибилност откупни цени на грозјето со цел колку толку подобрување на статусот на производителите кои се доведени на дереџе на економски зависни робови.

Во тој контекст и на самиот состанок на 15.07.2019 година, од наша страна беше даден предлог кој воедно претставува и наш конечен СТАВ И ЗАКЛУЧОК ПО ОВАА ТОЧКА и истиот гласи:

ПРЕДЛОГ: На предлог на Минстерството, Владата да превеземе итни мерки за брзо отварање на пазарот за странски откупувачи на грозје, на кои ќе им се понуди наводниот вишок од 100 милиони килограми грозје по цени кои ќе се формираат спогодбено меѓу откупувачите и ценовниот Одбор на Здружението. Ова да се реализира пред почетокот на бербата. Во спротивно и Премиерот, и Министерот за земјоделие нека размислуваат за воведување на субвенции за копачење – уништување на лозовите насади.

Како тежишни задачи и активности на здружението во периодот до и во текот на бербата остануваат истите кои ги објавувавме во претходните наши објави и прогласи а до кои најважни се следните:

Минимум 25 денари за откупен килограм грозје;

Рамноправни и реални кооперантски и договори за откуп;

Клучна улога на факултетот за земјоделие при одредување на технолошката зрелост и шеќерните единици за секоја сорта грозје;

Банкарски гаранции и рокови на исплата до 15 дена;

Унапредување и осовременување на лозарството;

Максимално искористување на предпристапните фондови на ЕУ;

Подигање на свеста за вредноста на нашиот производ;

Враќање на достоинството и некогашниот животен стандард на лозарот и привлекување на младите кон оваа гранка со што ќе се сопре процесот на нивно заминување во странство.

Други активности;

Срдечно Ваши,

Здружение “Напредни Лозари“„- се вели во обраќањето на ФБ.