Oд 25 до 27 октомври 2016, во организација на Домот на културата “Иван Мазов - Климе“ Кавадарци и Германската амбасада во Република Македонија, во Кавадарци ќе се одржи 12 по ред Фестивал на новиот германски филм. Фестивалот е во рамките на “Кавадаречка културна есен 2016“, а проекциите се одвиваат во 3Д киното во рамките на Домот на културата.

Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов рече дека кавадарчани имаат можност да се запознаат со германската култура.

-Преку германската култура, да направиме уште еден чекор кон најпосакуваниот јазик во Тиквешијата, а тоа е германскиот, бидејќи знаете дека имаме неколку германски инвестиции, додаде тој.

Градоначалникот нагласи дека Кавадарци ја има таа привилегија да биде еден од малкуте градови во Македонија, во кои се прикажуваат германските филмови.

-Многу сум задоволен од тоа што Германската амбасада овозможи кавадарчани да погледнат дел од новата германска кинематографија. Изразувам благодарност од мое лично име и од името на локалната самоуправа, за соработката со оваа амбасада, рече тој во изјава за медиумите.

Хелга Тајпл, раководител на Одделот за култура при Германската змбасада во земјава, рече дека се радува многу што со фестивалот на новиот германски филм, повторно се во Кавадарци.

-Изгледавме многу филмови, во обид да ги избереме и прикажеме најдобрите. Во Македонија има многу филмски фестивали, особено се радувам што овој фестивал ќе им овозможи на луѓето да ги погледнат филмовите во оригинален јазик, затоа што овде има многу луѓе кои се интересираат за германскиот јазик и го изучуваат. Ова е убава можност малку да вежбаат, нагласи Тајпл.

За филмот кој беше прикажан синоќа, рече дека е еден од најгледаните во Германија, минатата година го погледнале повеќе од 7.2 милиони луѓе.Прокредит банка и понатаму го подржува овој проект.Ревијата филмови ке ги погледаат ученици од речиси сите средни и основни училишта од градот а фестивалот започна со филмот “Мед во главата“.

Следните претстави се: “За една девојка“ - 26.10.2016 од 17 часот; “Државата против Фриц Бауер“ - 26.10.2016 од 19 часот; “Куќата на крокодилите“ - 27.10.2016 од 10 часот; “Хердер - помеѓу два света“ - 27.10.2016 од 12 часот; “Тура на животот“ - 27.10.2016 од 19 часот.

Влезот е слободен.