МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Четирите години отстуство од балканската лига не му пречеа на кошаркарите на Фени да се вратат во „Јасмин“- шампионски.Kошаркарите на Фени Индустри го декласираа тимот на Тирана со +41, 98-57.

Дека Фени Индустри ќе нема многу проблеми беше јасно уште од самиот старт на натпреварот, иако гостите на момент успеаа да се заканат и да ја намалат почетната предност на домашните играчи на само еден поен, 12-11. Веднаш по тоа следуваше серија од 12-4 со која Фени повторно ги врати до тогаш највисоките +9. Осцилациите во играта во вторите десет минути им овозможија на гостите да одиграат резултатски изедначена четвртина, за да на крајот успеат и да намалат еден поен од негативата која ја имаа на крајот од воведниот квартал, и на полувреме да заминат со 43-35.

Но, надежта дека можат да се вратат во натпреварот траеше многу кратко, затоа што по паузата избраниците на Малинков предводени од капитенот Николовски, Шарабидзе, Стајиќ и Магдевски буквално им одржаа лекција по кошарка на своите противници. Двоцифрената предност растеше од минута во минута, за да во последниот период Фени влезе со позитива од 25 поени. Но, ниту тоа, ниту влегувањето на младите Милков, Кицев и Бешлиовски не беа причина предноста на Фени да продолжи да расте, за да по 40 минути игра кавадаречките кошаркари да го завршат натпреварот со позитива од 41 поен, 98-57.

Шарабидзе со 16, Стајиќ со 15 и Николовски со 14 беа лидери на листата на стрелци за Фени, на која како двоцифрени завршија и Магдевски и Петровски.

Кај гостите од Тирана најдобар беше Мануел Џонсон со 19 поени.

Задоволен од прикажаната игра на своите кошаркари, предводникот на Фени Индустри, Љупчо Малинков меѓу другото рече: „Најпрво да им ја честитам победата на моите играчи. Одиграа максимално борбено и максимално се залагаа во сите 40 минути. Добивме екипа која што во претходното коло славеше на домашен терен над екипата на Трепча. Добивме одлична екипа, со одличен македонски тренер, добивме екипа што е во одличен подем, но ние денес бевме подобри и во одбрана и во напад. Во следното коло играме со Трепча, повторно дома, па ја користам приликата да ја поканам цела кавадаречка јавност да биде нашиот шести играч и заедно да прославиме нова победа“.

Иако без многу причини за задоволство, Слободан Петровски потенцираше дека ова натпреварување е едно сосема ново искуство за целиот тим. „Најпрво честитки за екипата на Фени Индустри. Ние лошо влеговме во натпреварот. Сепак ова ни е прва сезона во балканска лига, и ќе се трудиме од натпревар во натпревар да напредуваме, и така и ќе биде, ќе тренираме и работиме вредно. За клубот и играчите оваа балканска лига е нешто ново, и ќе се потрудиме да се претставиме во светло издание“.

Среќен поради победата, но и изданието на целиот тим беше и Бобан Стајиќ кој мечот го заврши со 14 поени. „Натпреварот го отворивме одлично, се придружувавме кон планот кој го имавме зацртано. Имавме мали осцилации во втората четвртина, но во второто полувреме квалитетот дојде до израз, и драго ми е што ете и помладите кошаркарки добија шанса да го покажат своето знаење. Во следното коло со Трепче, екипа која во првото коло загуби од Тирана, и очекувам победа“.