МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Петте промашени пенали и речиси двојно повеќе неискористени контри се главната причина за новиот пораз на ракометарите на Градскиот ракометен клуб Тиквеш, овој пат од третопласираниот тим на Куманово кој мораше да го даде максимумот за да стигне до четвртиот триумф сезонава.Избраниците на професорот Велков предводени од младиот Васил Витанов кој уште еднаш го потврди својот квалитет одлично му парираа на гостинските играчи во текот на целото прво полувреме. Играјќи гол за гол, ракометарите на Тиквеш го контролираа натпреварот, а на момент ја имаа и резултатската предност на своја страна, за сепак на крајот на првите 30 минути максималните +1 да завршат на страната на тимот од Куманово, 12-13.

Двата гола во серија на стартот на второто полувреме на тимот на Куманово му ја донесоа првата предност, која му овозможи полесно да го контролираат натпреварот. Иако домашните играчи на неколку пати имаа шанса да го вратат натпреварот во егал, сепак кратката клупа, и двата промашени седмерци во завршните минути дополнително им ја олеснија работата на гостите овозможувајќи им мирен финиш и триумф од 28-31.Витанов и Велков со по 8 голови беа први стрелци за ГРК Тиквеш, додека Ангеловски со 9 и Кузмановски со 8 беа најдобри кај победничкиот тим.Во следното коло кавадаречките ракометари му гостуваат на тимот на Младост, кој e претендент за највисок пласман.