МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Димката Ангелов Габерот е во Ваташа на 17 октомври 1916 година како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови. Во октомври 1930 година со само 14 години заминува во Белград, каде се запишал на престижната учителска школа. Се стекнал со диплома на учител во Неготин Краина каде што ја завршил Учителската школа и положил голема матура. За време на летниот распуст често се дружел со Страшо Пинџур, а за ова нивно пријателство и дружење дознаваме од дневникот на Страшо Пинџур, каде Димката бил опишан како младинец со многу дарба.

Неговата љубов кон пишаниот збор го тера заедно со група негови истомисленици да го основаат првото читалиште библиотека во Кавадарци во 1935 година. Неговиот прв јавен испад се случува на плоштадот во Кавадарци во 1936 година, каде пред народот ја напаѓа експлоататорската политика на владата на Милан Стојадиновиќ пред министерот за социјална политика и народно здравје Драгиша Цветковиќ. Бидејќи бил противник на владата Димката долго време останува без работа. Во пролетта 1937 година е обвинет дека е комунист и е уапсен заедно со поголема група напредни луѓе и одлежува три месеци затвор во Велес. Димката добива работа како учител во село Дабниште во септември 1937 година.

По враќањето од Винковци се вклучува во предизборната кампања за Парламентарните избори во групата сo Страшо Пинџур, Тошо Велков Пепето, Илија Чулев, Васил Димитров и други. Тие победиле на изборите, а д-р Илија Чулев бил избран за народен пратеник во Собранието на Југославија. Димката имал дарба за уметност. Тој многу убаво свирел на виолина, бил извонреден танцувач, а имал и афинитет за глума. Како учител бил почитуван и омилен кај учениците, нивните родители и жителите од селото. Се дружел со своите колеги учители од соседните села и секогаш имал време да разговара со селаните од Радња за многуте прашања што ги интересирале. Со младинците од селата Бохула, Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје.

Од мај 1942 година до мај 1943 година тој е во илегалство. Во април 1943 година Димката Ангелов е избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона, кој во исто време беше и штаб на партизанскиот одред „Добри Даскалов“.Како борец Димката се одликува со неизмерна храброст и решителност. Иако тешко болен во придружба на своите соборци Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански-Планински, Пано Мударов-Фрањо и активистот од село Галиште Стојан Крстев, се упатуваат кон логорот на одредот во месноста „Вишешница“. На патот кон логорот на месноста „Торкови Лаки“, групата наидува на непријателска заседа организирана од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Ја прифаќа борбата иако е тешко ранет од првиот плотун на непријателските куршуми. Загина на 10 јуни 1943 година заедно со Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев.

По загинувањето на Димката Ангелов Габерот останаа многу дилеми, меѓу кои и онаа која и ден денес ја бранува јавноста во Тиквешкиот крај: „Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за народен херој“.

Во негова чест познатиот кавадаречки поет и музичар Александар Линин ја испеал песната „Пештера болен Габерот лежи“:[1]

Пештера болен Габерот лежи,

треска го тресе русата глава.

Неарно писмо курирот му даде,

не рече ништо, набрчка чело,

стана и стави пушка на рамо.

По поле едри капки капат,

по грбот негов ледни мравки лазат.

На камен гордо орелот стои,

аргатки гордо превиле грбот.

Тогај му велат на Габер јунак:

Врати се, Габер, сам бој не бива.

(користени податоци од Википедија)

м.д.