По сообраќајната несреќа што рано изутрината се случи во Бугарија, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелира до медиумите да известуваат со целосна одговорност, врз основа на проверени информации и релевантни извори, без шпекулации околу причините за несреќата.

Препознавајќи го притисокот со којшто се соочуваат уредниците, новинарите и медиумските работници кога известуваат за вакви трагични настани, укажуваме на потребата да прават разлика меѓу тврдењата и фактите и да покажат особено голема внимателност со оглед на тоа што во трагедијата има настрадани малолетни лица.

Во исто време, потсетуваме на членот 8 од Кодексот на новинарите, според кој начинот на информирање за несреќи треба да биде ослободен од сензационализми. Притоа медиумите треба да внимаваат да не објавуваат имиња и фотографии на жртвите, ниту, пак, податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции.

Имајќи ја предвид тежината и последицата на несреќата, апелираме до сите медиуми соодветно да ги усогласат своите програмски шеми и да известуваат со висок степен на професионална и морална одговорност.