МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Со поддршка на ОКТА изградено трето инклузивно игралиште во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Компанијата ОКТА ја поддржа изградбата на ново инклузивно игралиште во дворот на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, кое ќе биде место на безгрижна игра и правилен физички развој на учениците, вклучувајќи ги и децата со попреченост. Ова е трето инклузивно игралиште, кое компанијата ОКТА го донира во рамки на нејзината соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“, како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

„Среќни сме што оваа година ја дадовме поддршката за реализација на овој значаен проектот кој во фокусот го има образованието на децата со попреченост и ја унапредува нивна социјална и образовна инклузија. Со помош на Фондацијата и во соработка со општините, успеавме да изградиме три модерни инклузивни игралишта во три основни училишта во земјава, како безбедни средини важни за психолошкиот и физички развој на сите деца. Благодарни сме на оваа заедничка соработка, со која веруваме дека придонесовме кон создавање на позитивни промени и вредности, не само за децата со посебни потреби, туку и за заедницата во целост“, истакна главниот извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ.

Инклузивното игралиште во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во кое се образуваат околу 1500 деца, беше изградено со вклученост и на Општина Струга, која од своја страна ги обезбеди неопходните услови за негова реализација.

„Работиме на подобрување на образовните можности за сите ученици во нашата општина, со особен акцент на учениците со попреченост. Еднаквата социјална и образовна вклученост на децата во училиштата за нас е мотивација да градиме партнерски однос со бизнис секторот и невладините организации. Веруваме дека со достапна и инклузивна средина, соодветно ќе ги развиваме потенцијалите на нашите деца“ – градоначалникот на Струга, Рамис Мерко.

Оваа активност се реализира како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој работи на подобрување на можностите за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост преку обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците.

„Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија има за цел да ги подобри можностите за образование на децата со попреченост. Благодарни сме што во нашата мисија за образование без бариери и сегрегација имаме поддршка и од општествено одговорни компании каква што е компанијата ОКТА. Тоа во јавноста ја испраќа важната порака, дека позитивните промени се можни кога сме вклучени сите во нивна реализација. Убедени сме дека така е можно исполнувањето на заедничката цел – училишта како безбедни средини, кои се отворени и пристапни за секое дете и посветени на квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби.“, рече Ана Арсеновска Зафирова од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Поддршката на образованието е еден од столбовите на стратегијата за општествена одговорност на ОКТА. Во таа насока, оваа година компанијата ја поддржа изградбата на инклузивни игралишта и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската општина Аеродром и во општинското училиште „Кочо Рацин“ во Дојран.