МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 4, д-р Венко Филипче вчера беше во Радовиш каде што оствари средби со пензионери и со лица со дијабетес со коишто разговараше за мерките предвидени во новата „Програма за европска иднина“.

На средбата со пензионерите, д-р Филипче потсети на досегашните заложби на Владата предводена од СДСМ за подигнување на стандардот на пензионерите. Тој рече дека и во новата програма ниту пензионерите, ниту останатите социјално ранливи категории не се изоставени и истата предвидува низа мерки за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите. Филипче потсети и на мерките кои ги реализирал тој како министер од кои пензионерите имале директен бенефит.

„Целосно ги укинавме квотите за лековите на рецепти. Не така одамна беа времињата кога се трчаше од први до петти во месецот за да се земат лековите коишто после тоа се трошеа и немаше веќе лекови на рецепт. Целосно ја укинавме партиципација за пензионерите коишто имаат потпросечен пензија, а сега во новата програма ја укинуваме за буквално сите пациенти. Значи секој кој што оди на доктор од сега па натаму во следниот наш мандат нема да плаќа повеќе партиција од 20%“ - рече Филипче.

Тој истакна дека должност на помладите генерации е да се грижат за повозрасните и како министер возрасните секогаш му биле приоритет.

„Се грижиме за тие што се грижеа за нас и затоа сакам да ви порачам на сите пензионери овде во Радовиш, но и пошироко, дека гарантираме зголемување на минималната пензија до 20.000 денари и просечна пензија до 30.000 денари, како и усогласување на пензиите секој јануари и јуни“, објасни Филипче.

Тој додаде дека покрај зголемувањето на редовните месечни пензионерски примања, пензионерите ќе добијат и дополнителни 6 илјади денари како новогодишен пакет на крајот на секоја година.