МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Ова денеска го најави Mинистерот за здравство Венко Филипче, кој се сретна со менаџментот и вработените во кавадаречката општа болница.

Информираше дека се разговарало за проблемите, да се олесни функционирањето. Има две работи за болницата во Кавадарци. Тоа е компјутерски томограф за кој од министерството започнуваат постапка за набавка, со тоа оваа болница ќе стане регионален центар со кој ќе биде покриена оваа услуга за некаде околу 70 илјади граѓани кои живеат во овој регион.

-Исто така, надоградба на еден дел кој повеќе од 30 години седи празен како карабина, а е идеално место да стане центар за палијативна нега за пациентите од цела држава. За таа цел треба тој да се надгради, да се реновира соодветно, да се опреми за сите пациенти на кои им треба некоја подолготрајна форма на лечење а кои во моментов ги гушат интензивните неги во клиничкиот центар, соопшти министерот.

Тој додаде дека тоа се пациенти за кои во овој момент нема соодветна установа.

-Сметаме дека ова е добро место заради тоа што е централна позиција во државата, заради тоа што има експертиза што е многу битно, соодветен број на интернисти, на хирурзи, но и анестезиолози и се надевам дека ова ќе биде еден добар центар во кој тие пациенти ќе добиваат нега на начин на кој во моментов не им е соодветно обезбедена во ниту една институција во државата, рече Филипче.

Компјутерскиот томогарф има серизони шанси да стигне во болницата до крајот на годината, а за центарот за палијативна нега ќе треба нешто повеќе време заради тоа што има градежни активности кои треба да се направат, освен опремување.

- Мислам дека ова е добро место каде ќе бидат сместени некаде десет до дванаесет пациенти, што е сосема доволен капацитет согласно со потребите во моментов на државата. Потребите секогаш растат и секогаш кога ќе излезете со некоја нова понуда на некоја соодветна специјалност, или која досега ја немало во државата, секогаш излегуваат пациенти.Така да според проценките и според искуството, мислам дека ова е доволен капацитет, нагласи министерот.

Директорот на болницата, Диме Коцев исто така се осврна на плановите со чие исполнување болницата реално станува регионален центар.

-Компјутерската томографија многу ќе ни значи, центарот за палијативна нега на хронични болни исто така. Мислам дека со тоа ќе се покачи дигнитетот на болницата, за да направиме конечно Тиквешани да бидат горди на нашата болница која ја имаме. До пред први јуни, во нашата болница дежурствата беа организирани на еден поливалентен начин, што значи имавме поливалентни дежурства, еден колега дежураше само на хируршки гранки додека друг колега дежураше на интернистички гранки. Од први јуни како што ветив дека сакаме да ја приближиме медицината кон граѓаните, одлучивме да има профилирани дежурства, што значи дека сега на секој оддел кај нас во болницата има дежурен лекар, соопшти Коцев.

Вториот многу битен момент, според него, е што детското одделение претходно имало проблем со број на доктори, не можело да излезе во пресрет за дежурства.

-Затоа ангажиравме доктори од Клиника за детски болести од Скопје и од ГАК и од Штипската клиничка болница, така да веќе имаме дежурен лекар. Трета новина е местото каде што беа претходно панелите за топла вода кое претходно беше целото руинирано, оддлучивме да биде покриен паркинг со донација од компанијата ИГМ и тоа успешно се реализира, рече директорот.

Заклучно до први јуни во болницата има реализирани 29 вработувања а сега има конкурс за 5 доктори и еден фармацевт.

-Така да мислам тоа ќе заврши до крајот на месецот и со овој нов центар кој го планираме со министерот, бројот на стручни лица ќе се зголеми во болницата, се во интерес да се доближи здравството до граѓаните, додаде Коцев.