МЕСТО ЗА ВАШАТА РЕКЛАМА
(770x120)

Договор за државна помош од 16 милиони евра денеска потпиша Владата со германската компанија „Дрекселмајер“ со кој е предвидено изградба на нова производствена линија во објектот на компанијата во Кавадарци, како и изградба на производствен погон во Куманово во кој ќе се вработат 1.000 лица.

– Денешното потпишување на договорот за државна помош е уште една потврда за добриот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјава како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по потпишувањето на договорот.

Тој нагласи дека „Дрекселмајер“ е присутна во земјава од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи со околу 5.500 вработени во нивата фабрика во Кавадарци.

– Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за проектот на „Мерцедес Бенц“ – Е класата во постоечкиот објект во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нови производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти „Мерцедес Бенц“ и БМВ за проектите Е класа, Г класа и БМВ клар винг, рече Битиќи.

Државата, како што нагласи вицепремиерот, ќе ја поддржи инвестицијата со ослободување од данок на личен доход за период од 10 години за новите вработувања, ослободување од данокот на добивка за период од 10 години за новите инвестиции, готовински грант во износ од 10 отсто од износот на оправданите инвестициски трошоци но не повеќе од еден милион евра на годишно ниво за максимум пет години, готовински грант во износ од 2.000 евра по вработен за креирање на нови работни места за месечна нето плата за најмалку 50 отсто повисока од висината на минималната нето плата.

Тој потсети дека од септември 2020 година досега се потпишани вкупно 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а денешниот, како што рече е вкупно петтиот договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјава. Претходно беа потпишани договори со „Вик“, „Ипротекс“, „Круплас“ и „Магна“. Со тоа, како што додаде Битиќи, во последните осум месеци во тек се 53 инвестициски проекти со поддршка на државата се во тек со вкупна вредност од речиси 96 милиони евра со кои ќе се отворат преку 2.000 нови работни места.

Јозеф Кауфман, управителот на „Дрекселмајер“ во земјава, се заблагодари за поддршката од Владата и на новите клиенти на компанијата и истакна дека интезивно соработуваат со 700 домашни фирми.

Директорот на „Дрекслермајер“, Лукас Мирингер истакна дека компанијата е присутна во Кавадарци од 2012 година, а од 1 април, додаде, отвори нова фабрика во Куманово.

– Во Кавадарци и во Куманово инвестираме двоцифрени милионски износи и во Куманово очекуваме да отвориме над илјада работни места. Се радувам на овие работни места што нашите проекти ги овозможуваат за отворање на можностите за иднината што се нуди во државата, рече Мирингер.

„Дрекселмајер“ е светски познат бренд во автомобилската индустрија со главна дејност производство на кабелски сетови, комплетни електрични системи за клиенти кои припаѓаат меѓу првите 100 светски добавувачи како „Ауди“, БМВ, „Бугати“, „Кадилак“, „Јагуар“…

izvor: Iportal.mk

https://iportal.mk/makedonija/drekselmajer-otvora-nova-proizvodstvena-linija-vo-kavadarci-nov-proizvodstven-pogon-vo-kumanovo/

unnamed (1) unnamed