Вкупно 500 пациенти кои биле прегледани со новиот мамограф

Во шест случаи е потврдено малигно заболување, а дваесет и седум сомнителни случаи се препратени на дополнителни испитувања, од вкупно 500 пациенти кои биле прегледани со новиот мамограф, кој во кавадаречката општа болница започна со работа на 21 септември минатата година.

Директорот на болницата Орцо Ангеловски информира дека кај шесте пациенти со дијагностициран карцином, болеста била откриена во подоцнежна фаза, најверојатно поради нередовни контроли.

-Кај дваесет и седумте сомнителни случаи пак, веројатно станува збор за почетен стадиум на болеста, а во такви околности шансите за успешно лекување се големи, нагласи Ангеловски.

И едните и другите, се упатени на дополнителни испитувања и лекување.

Пред шест месеци Кавадарци за прв пат доби мамограф. Десетици илјади пациенти од неколку општини, можат да ги користат здравствените услуги на апаратот. Пациентите од неколку општини од Тиквешијата, претходно за ваква здравствена услуга патуваа до Велес, Неготино или Скопје.